100 години од болеста која ја разори планетата: Вирусот однел повеќе животи отколку Првата светска војна, луѓето умирале во страшни маки

 

Оваа година, светот ќе ја одбележи стогодишнината од појавата на шпанскиот грип, најразорната епидемија во човековата историја.

Шпанскиот грип однел повеќе животи отколку Првата светска војна. Појавата на овој вирус и неговите последици до ден-денес се интересна тема за биолозите, медицинарите, историчарите и психолозите кои сè уште ја истражуваат оваа болест. 

Еве неколку важни сознанија за озлогласениот шпански грип:

Колку луѓе убил шпанскиот грип?

Нема точни податоци за ова, но се проценува дека помеѓу март 1918 година и март 1920 година, од “шпанската грозница” заболеле околу 500 милиони луѓе, од кои 50, а можеби и 100 милиони починале. Само за споредба, во Првата светска војна погинале околу 17 милиони луѓе. Шпанскиот грип ги зафатил сите континенти (освен Антарктикот), а најтешко погодена земја била Индија, каде починале 17 милиони луѓе.

Кој бил нулти пациент?

Првиот заболен од овој вирус бил Алберт Гичел, воен готвач во американската база во Канзас. Тој на 11-ти март 1918 година се пожалил на кашлица, главоболка и висока температура. До пладне, во болницата веќе имало стотина војници со истите симптоми, додека до крајот на неделата, тој број пораснал до 500.

Како се проширила болеста низ светот?

Шпанската грозница се ширела во три бранови: првиот започнал во март 1918 година помеѓу американските војници во Канзас. Смртноста во овој бран не била толку висока, а до крајот на пролетта болеста однела 56 животи. Вториот бран бил најсмртоносен, а започнал во август 1918 година. Според некои проценки, вториот бран за 25 недели однел 25 милиони животи. Третиот бран започнал кон почетокот на 1919 година и траел сè до март 1920 година.

Името настанало благодарение на политичките околности. Со тоа што Шпанија останала неутрална во војната, не постоеле никакви цензури и тоа им овозможило на новинарите слободно да известуваат за последиците од оваа болест. Подоцна, шпанскиот грип носел различни имиња кои сведочат за тешкото време на непријателство помеѓу народите. Така во Сенегал ја нарекувале бразилска болест, во Бразил – германска болест, а во тогашната Персија – британски грип.

Кој најчесто заболувал од шпанскиот грип?

Шпанскиот грип најчесто ги погодувал младите и здрави лица помеѓу 20 и 40 години. Заразените лица умирале многу брзо, понекогаш и по само неколку часа откако дознавале дека се болни.

Првите симптоми биле умор, висока температура и главоболка, а потоа се јавувале болки во мускулите и зглобовите. Заболените умирале во страшни маки: кожата им станувала виолетова, а белите дробови им се полнеле со црвена, густа материја која полека ги гушела.

Една од жртвите на шпанската грозница бил и Фредерик Трамп, дедо на актуелниот американски претседател.

Треба да знаете
Последни објави