Османи: Мора да најдеме решение за името до Април.
Времето е кратко, треба брзо да се најде решение, ако не се најде до април, процесот губи смисла. Пред нас е историска и златна година за затворање на спорот и деблокирање на евроатлантската перспектива на земјата, истакна вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи по средбите со неговите домаќини денеска во Атина.
Османи, како што јави дописникот на МИА од Атина, вели дека очекува предлог од Нимиц на средбата за 10 дена, но додава дека предлози можат да достават и двете страни, а не само медијаторот. Она што е важно, според него, е да се интензивира процесот и да постои активност, за прашањето да се затвори во првата половина на оваа година.
Вицепремиерот одби да даде детали за македонските позиции во преговорите, а за конкретните имиња и предлози објавени во медиумите, рече дека се само шпекулации. За евентуално одржување референдум, Османи за МИА вели дека тоа е вториот чекор, а сега треба да бидеме концентрирани на решавање на првата фаза, па дури потоа ќе се носи одлука дали ќе има референдум или не.
Со неговите домаќини во Атина, со шефот на грчката дипломатија и со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, разговарале за повеќе прашања, а акцентот го ставиле на потребата за изнаоѓање решение.
Бујар Османи вели дека е оптимист дека може да се постигне договор меѓу двете земји.
По средбите со Коѕијас и Катругалос не беа предвидени прес-конференции за медиумите, но Османи даде изјави за новинарите, кои како што јавува дописникот на МИА, беа во голем број, како од грчки медиуми, така и дописници од странски медиуми со седиште во Грција.