Српската премиерка: Во Сребреница немаше геноцид
Претседателката на српската влада Ана Брнабиќ изјави дека во Сребреница не се случил геноцид.
Брнабиќ ова го кажа во разговор за Радио Експеримент, потврдувајќи дека „во Сребреница се случило страшно злосторство“ поради кое се чувствува непријатно, но дека тоа сепак не би го нарекла геноцид. Хашкиот трибунал го осуди Ратко Младиќ, воениот лидер на босанските Срби, меѓу другото и за геноцидот во Сребреница. Војската на Младиќ за неколку дена по падот на Сребреница во околината убила околу 8.000 муслимани.
Српската премиерка со ова порача дека не ја признава правосилната пресуда на Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија.
Брнабиќ на прашањето дали би го употребила изразот „независно Косово“ одговори негативно, бидејќи тоа, според неа, „би ја отворило Пандорината кутија“.
Претседателката на српската влада, како личност што се декларира како геј, ја прашаа и што би му кажала на рускиот претседател Владимир Путин за неговите ставови за ЛГБТ популацијата.
„За тоа ќе размислувам кога ќе го сретнам. Не заборавајте дека има и земји во ЕУ кои немаат баш позитивен став кон малцинствата и кои не постапуваат добро со нив“, кажа Брнабиќ.