Собранието денес ќе избира судии и ќе гласа за предлог-законот за јазиците

Собранието денес ќе избира судии и ќе гласа за предлог-законот за јазиците

Откако во вторникот, Собранието не успеа да обезбеди кворум за гласање на предлог-законот за употреба на јазиците, како и да избере судии за Уставниот суд, претседателот Талат Џафери, собраниските седници ги презакажа за денес.

Според агендата, денес народните избраници ќе треба да гласаат и за предлог-законот за заштита на сведоци, но и укинувањето на Советот за утврдување на факти, кои како точки на дневниот ред се наоѓаа од крајот на декември.

Дебатата за законот за јазизици во Собранието почна на 5 септември минатата година во собраниската Комисија за европски прашања, а парламентарното мнозинство ја усвои потребата од негово носење на 15 ноември лани. Против законот е опозициската ВМРО-ДПМНЕ со образложение дека е неуставен и дискриминаторски во однос на македонскиот јазик и останатите јазици на кои говорат граѓаните во Македонија. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не учествуваат во работата на Собранието во знак на револт од притворањето на петмина нивни колеги и други граѓани за учество во инцидентите во законодавниот дом на 27-ми април минатата година.

На дневен ред на 27 седница се и предлог законите за изменување и дополнување на законите за работните односи, за остварување право на пензија за работниците во рударството, за реализирање на рамноправноста на службените јазици и писма во Република Македонија, за ловство, сите во прво читање. Собранието треба да се изјасни и за барања за автентично толкување и предлог одлуки за статути.

Според најавата, Собранието денеска треба да работи и по преостанатите точки од 22., 11.,13. и 15. седница.

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, во вторникот најави дека нема да учествува во работата на Собранието.

 

 

Треба да знаете
Последни објави