Мистерија на грабежот во “Риц”: Како крадците влегле во врвно обезбедениот луксузен хотел и украле накит вреден 4,5 милиони евра?

 

Дел од пленот бил случајно пронајден, а медиумите се прашуваат дали сето ова има врска со “Пинк Пантерите”.

Центар на Париз, прв арондисман. Најпознатиот хотел во кој една вечер во луксузниот апартман “Коко Шанел” чини 12.000 евра. Врвно обезбедување во хотелот и околу него. 

И покрај сето тоа, петмина крадци вчера упаднале во престижниот “Риц” и под закана со ножеви и секири, од златарата однеле накит во вредност од 4,5 милиони евра.

Ден подоцна, француските медиуми поставуваат само едно прашање – како може да се случи грабеж во еден “Риц”?

Гостите мислеле дека во тек е терористички напад

Исплашените гости на “Риц”, гледајќи ги вооружените мажи во холот, побегнале кон кујната и ресторанот, верувајќи дека станува збор за нов терористички напад.

Откако крадците почнале да пукаат, на многумина само една мисла им минала низ главата – да преживеат по секоја цена.

“Персоналот во ресторанот во кој побегнавме ни кажа да бидеме мирни и да лежиме на земја. Кога слушнавме пукање мислевме дека сме готови”, рекол еден од гостите во “Риц” за француските медиуми.

Меѓутоа, крадците немале намера да ги убијат гостите во хотелот, туку што побрзо да излезат од истиот со пленот. За остварување на планот одбрале неверојатно време – 6:30 навечер, кога предворјето на хотелот било преполно со гости.

Некои од вработените на време ги стиснале тастерите “за паника” и полицијата колку-толку успеала на време да влезе во хотелот и да фати тројца од крадците, додека останатите двајца се во бегство. Еден побегнал на мотор, друг возејќи автомобил.

Тројцата уапсени од порано и се познати на полицијата и имаат околу 40 години. Дел од накитот бил пронајден меѓу остатоците на разбиените излози во текот на ноќното чистење.

“Обезбедувањето затаило и покрај “реновирањето””

“Риц” во 2014-тата година во целост го обновил системот за обезбедување, а на сите важни пунктови на хотелот деноноќно има најмалку еден чувар.

Бидејќи хотелот е во близина на Француското министерство за правда, кое војниците го чуваат 24 часа дневно, останува нејасно како крадците успеале така да влезат во холот.

Началникот на полицијата на Париз, Жерар Коломб, ја пофалил брзата реакција во кризни ситуации.

Парижаните не се изненадени од грабежот бидејќи Плоштадот Вендом и претходно бил мета на криминалци. Последниот голем грабеж се случил во март 2016-тата година, кога крадците со пиштоли од златарата “Шопар” однеле накит во вредност од 5 милиони евра.

Место за собирање на светската елита, цената за соба – вистинска “ситница”

Хотелот “Риц” бил основан во далечната 1898-та година од Швајцарецот Цезар Риц и од првиот ден бил центар на елитата, богатите бизнисмени и политичари. Прв на гостите им нудел соби со бања и телефони, а во сè инсистирал на луксуз и сјај.

Во него, меѓу останатите, престојувале и Ернест Хемингвеј, Коко Шанел, Хауард Хјуз, Ф. Скот Фицџералд, Гари Купер, сите поважни светски државници и многу други познати личности.

Хотелот поседува 159 соби – ноќ во подобра соба чини околу 1.000 евра, а во најскапите апартмани и 12.000 евра.

Во “Риц” последен пат вечерала принцезата Дајана пред да влезе во автомобилот и да тргне кон тунелот во Париз каде загинала на 31-ви август 1997-та година.

Има ли грабежот врска со “Пинк Пантерите”

Водечките светски медиуми се прашуваат дали има грабежот врска со бандата “Пинк Пантер”.

Оваа група крадци со потекло од Србија, Црна Гора, Хрватска и БиХ била формирана по војните на Балканот, а во епицентарот на светските случувања дошла по грабеж во Лондон во 2003-тата година.

Бандата досега, според извештаите на Интерпол, успеала да украде повеќе од 400 милиони евра во 380 грабежи ширум светот.

Треба да знаете
Последни објави