КСС и СОНК утре излегуваат на протест
Социјален дијалог треба да има во конструктивна атмосфера, без притисоци врз синдикалните лидери. Ова, според Конфедерацијата на слободни синдикати е заклучокот по одржаната средба со владините претставници. Барањата остануваат, Синдикатот апелира да се заштитат и унапредат работничките права, особено во јавниот сектор.
„Јавниот протест ќе се одржи утре, на 17-ти јануари, со почеток во 11 часот, од Порта Македонија преку Министерство за правда, до Владата на Република Македонија во пет минути до 12 часот. И понатаму продолжуваме со исто темпо во насока на заштита и унапредување на работничките права, особено во јавниот сектор, каде што сме репрезентативни“, изјави Благоја Ралповски, претседател на КСС.
Повисока плата, усогласување со минималецот, К-15 во јавниот сектор, работа без притисоци и мобинг, дотации, поголеми бенефиции, почитување на колективните договори- ова се барањата на Конфедерацијата на слободни синдикати. И покрај разговорите со владините претставници, закажаниот протест за в среда напладне не го откажаа.
Очекуваат да им се приклучат и други синдикати, граѓански и невладини организации. Претходно, Наставничкиот пленум соопшти дека не го поддржува протестот на КСС и на СОНК.