Во Владата се одржа неформална средба помеѓу посебната советничка за земјоделство, шумарство и водостопанство на премиерот Ленче Николовска, директотот на Државниот земјоделски инспекторат, Јане Станкоски, заменик-директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Фирус Мемед, со претставниците на кланиците- откупувачи на јагнешко месо на којашто се разговараше за состојбата со откупот и пласманот на јагнешко месо, условите за работа на кланиците, но и за начините за унапредување на сточарството како важна извозно ориентирана гранка.
На средбата беше заклучено дека разговорите од овој тип се одлична стартна основа за започнување сериона и долгорочна соработка помеѓу Владата, сточарите и државните и претставниците на кланиците -откупувачи на јагнешко месо, со цел да се унапреди соработката, да се воспостави комуникација и дијалог низ кој ќе се изнаоѓаат решенија за наталожените проблеми, но и ќе се развиваат стратегии за развој на оваа гранка.
Советничката Николовска ги слушна барањата на откупувачите и ги информираше дека Владата формираше Комитет за земјоделство и безбедност на храната со кој претседава премиерот Зоран Заев и дека систематизираните барања и предлози коишто беа тема на разговор ќе бидат процесуирани и разгледани во рамки на ова тело, во кое се носат важни одлуки и решенија за граѓаните.Заеднички беше констатирано дека важен е партнерскиот однос што Владата го воспоставува со сточарите и откупувачите во процесот на носење и спроведување политики во интерес на граѓаните.