Турција се подготвува за воена операција, Сирија се заканува дека ќе возврати
Сирија денеска соопшти дека нејзините воздухопловни сили се подготвени да ја бранат територијата од нападите на Турција и ја предупредија Анкара дека ќе го соборат секој турски авион кој ќе ја премине границата.
– Ги предупредуваме турските власти дека ако преземе воена операција во областа Африн тоа ќе го сметаме за чин на агресија на турската војска, изјави заменик министерот за надворешни работи Фајсал Мекдад.
Претходно, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган најави дека Анкара ќе преземе воена офанзива во енклавата Африн и другите територии кои се под контрола на Курдите. Турција смета дека курдската група, која ја контролира Африн е огранок на терористичката група Курдска работничка партија (ПКК).
Турските медиуми претходно јавија дека се распоредуваат турски војници и техника во округот Хатаи, додавајќи дека ситуацијата во Африн „претставува закана за безбедноста на турската граница“.
Турскиот Совет за национална безбедност, со кој претседаваше претседателот Ердоган, доцна синоќа објави дека Турција ќе преземе „итни“ и „решителни“ чекори за да се заштити од заканите кои доаѓаат од западна Сирија.
Во исто време, Сирискиот центар за човекови права со седиште во Лондон тврди дека веќе шест дена турската артилерија гаѓа зони околу Африн. Во меѓувреме, шефот на турската дипломатија Мевљут Чавушоглу изјави дека турската армија нема да се откаже од воена операција во сириските региони Африн и Манбиџ со цел да ги протера припадниците на сириските курдски милиции и на ПКК, кои се закана за Турција.
Изјавата на Чавушоглу уследи откако американскиот државен секретар Рекс Тилерсон посочи дека „американската армија ќе остане во Сирија се додека конечно не биде победена џихадистичката група Исламска држава, како и да се спротистави на иранското влијание и да се помогне во соборување на Башар ал Асад“.
– Не сме задоволни од изјавите од САД и нема да ја пролонгираме операцијата во Африн и во Манбиџ, истакбна Чавушоглу, додавајќи оти Анкара повеќе пати инсистирала САД да ја прекине поддршка за курдските милиции и за ПКК во северна Сирија.
Според воените експерти во евентуалната воена операција на турската армија ќе бидат вклучени и напади од воздух.
Чавушоглу посочи дека за воздушни напади потребна е координација.
– Имаме консултации со Русија и со Иран за таа цел. Во претходната операција во Идлиб беа обезбедени набљудувачи како што беше договорено на конференцијата во Астана, можно е и сега да има набљудувачи.
Во исто време началникот на Генералштабот на турската армија Хулуси Акар, придружуван од шефот на турската национална разузнавачка служба Хакан Фидан отпатува за Москва.