Министерот за здравство Венко Филипче денеска истакна дека во тек се интензиви разговори со лекарите во педијатриската служба, во службите за интензивна нега на клиниките за педијатрија и гинекологија, поради проблемот со високата смртност кај новороденчињата. Тој истакна и дека во одмината фаза е изготвувањето Стратегија за намалување на смртноста кај новороденчињата.
– Вклучени се и странски организации под капата на Обединетите нации кои нудат експертиза, а се формира и рамка за тренинг на кадарот за надминување на проблемот, како и планови за структурни промени во рамки на интензивната нега на гинеколошката клиника, во делот каде се лоцирани проблеми – рече министерот за здравство.
Министерот најави и рамка за решавање на проблемот со набавката на инсулин, преку обезбедување поголеми количества и на тој начин елиминација на ризик од дефицит.
Филишче денеска имаше работна средба со раководителите на здравствените институции во Охрид. Целта на посетата, рече тој, е да се запознае со работата на здравствените установи, преку разговор со нивните менаџерски тимови за проблемите во работењето и начините за нивно надминување.
– Во болницата „Свети Еразмо“ разговаравме за текот на реконструкцијата на објектот, како ќе продолжат градежните активности, како и за потребата на установата од соодветен кадар, едукација и доедукација, зголемување на квалитетот на услугите што се нудат и воведување нови – рече Филипче.
Министерот Филипче најави посета и на здравствените установи во Струга, како и предвидени одредени реконструкциски зафати на Општата болница во градот.