Лажни хуманитарци собираат пари за деца со посебни потреби
Родители на деца со посебни потреби реагираат дека на улиците се забележани лажни хуманитарци.
Зоран Мијалков од НВО „Сплотени срца“-Штип вели дека над 40 невладини организации се здружени и бараат од надлежните институции да реагираат.
Тој истакна дека на улиците, не само во Штип, туку и во останатите градови во земјава, се појавуваат кутии со натпис „За децата со посебни потреби“. Мијалков додава дека лажните хуманитарци на нехуман и на нелегален начин собираат пари со што, како што рече, прават грабеж над хуманите граѓани. Никој не знае каде одат собраните пари од овие кутии, кои ги поставуваат лажните хуманитарци.
– Ние, родителите и здруженијата, не сме известени за поставување на ваквите кутии. Ниту, пак, имаме увид во тие собрани пари. Фактички, парите кои на драго срце нашите граѓани ги донираат и мислат дека се донирани за нашите деца, не завршуваат кај децата -вели Мијалков.
Тој истакна дека проблемов со лажните хуманитарци се провлекува речиси половина година. Затоа и преку медиумите реагираат со цел да се спречи оваа негативна појава.
Родителите на децата со посебни потреби најавуваат дека ќе направат и акција против лажните хуманитарци, а сите собрани докази ќе ги достават до полицијата