Неделава 6 судења за предмети на СЈО
Во кривичниот суд неделава ќе биде врвулица од обвинети за предметите на специјалното јавно обвинителство. Во четири дена, од вторник до петок, закажани се 6 судски рочишта. На 24 јануари в среда за првпат почнува судењето за уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, предмет познат како „ТНТ“. На обвинителна клупа за првпат ќе седнат 7 лица меѓу кои, Никола Груевски, Миле Јанакиески, Тони Трајковски. Предметот ќе го суди Огнен Ставрев.
На 23 јануари треба да се одржат 3 судски рочишта за предметите „Шпион“ кој ќе го суди Владимир Туфегџиќ, „Транспортер“, кој го презема судијката Добрила Кацарска, и „Труст“. В четврток е предвидено уште едно рочиште за „Труст“, а в петок продолжува „Тарифа“, кој според новиот распоред на судии во скопска единица, ќе го води судијката Софче Гаврилова Ефремова.
И следната недела се закажани 6 судења за предметите на СЈО. Освен „Транспортер“ за кој има 2 рочишта и „Труст“, на 30 јануари почнува судењето за „Тенк“ за набавката на екстралуксузниот „мерцедес“, во ко е обвинет Никола Груевски. Според новиот распоред на судии, предметот ќе го суди експретседателката на кривичниот суд, Добрила Кацарска. „Траекторија“ е закажан за последниот ден од јануари. Предметот, за кинеските провизии за изградба на автопатишта, ќе го суди Горан Бошевски.