ИНФРАСТРУКТУРНА ГРАДЕЖНА ОФАНЗИВА ВО БУТЕЛ

Изградба на неколку локални улици, подготовки за градба на булевар што ќе поминува низ општината и негово реализирање, нови училишта и градинки се само дел од проектите што наредниве години ќе се реализираат во општината Бутел. Градоначалникот Велимир Смилевски најавува и разработување на индустриските зони во општината, но и грижа за екологијата, културата и спортот во општината, а секако во фокусот ќе бидат и најмладите жители на оваа општина. 

Изминативе неколку месеци беше поставено ново улично осветлување на кракот од булеварот,Македонско-косовска бригада до Смилевска, именуван како Словенија 03. Станува збор за голем зафат, бидејќи се поставени 21 метален столб, со височина од 4,5 м, на исто толку бетонски фундаменти. Инсталирана е нова подземна електрична инсталација, која ги напојува натриумовите жолти светилки со јачина од 70 вати. 
– Овој проект е многу важен не само за стопанските објекти што се наоѓаат по должината на улицата туку и за граѓаните, особено за учениците што ја користат одејќи кон училиштето и кон дома. Кога сме кај осветлувањето, да додадам дека правиме целосно сервисирање на постојното улично осветлување. Правиме промена на прегорените светилки, фасонки, заштитни стакла, придушници, осигурувачи, трафоа и сѐ што е потребно за да имаме ефикасно улично осветлување на целата територија на општината – истакнува градоначалникот на општината Бутел, Велимир Смилевски.

Од кабинетот на градоначалникот исто така информираат дека општината успеа да изгради и две улици: крак од улицата 3 во Визбегово и крак од улицата 30 во Љуботенски Пат.  Нивната вкупна должина изнесува околу 400 м, а улицата во Љуботенски Пат доби тротоар во должина од 190 м, од бекатон-плочки, обрабен со големи и мали рабници. Останува да се изврши нивното асфалтирање, веднаш штом ќе почнат со работа асфалтните бази. 

Кога е во прашање Бутел, треба да се спомене и новата меѓународна манифестација на општината Бутел – есенскиот базар на домашни ракотворби „Занаетчиски колаж 2017“, која ќе стане традиционална. Има и други активности што се реализирани за помалку од два месеца, како што беше големата акција за чистење на општината Бутел во рамките на чистењето на Скопје.
Сепак, значајно е што Советот на општината Бутел го изгласа буџетот за 2018 г.

velimir2kartabutel.jpg

– Многу работа стои пред нас. Идеите, потребите и барањата на граѓаните се неисцрпни. Во текот на зимските месеци ќе ги правиме приоритетните планови и подготовки за проектите што се од суштинско значење за граѓаните и за општината Бутел  – истакнува градоначалникот Смилевски.

Таков проект, кој е од исклучително значење за сите граѓани, несомнено е изградбата на втората фаза на булеварот Христијан Тодоровски Карпош, како и изградбата, односно проширувањето на булеварот Босна и Херцеговина.
– Ќе почнеме со изградба на нова водоводна мрежа за Љубанци и Љуботен, атмосферска и фекална канализација, каде што е приоритетно потребно. Ќе ги развиваме и ќе ги јакнеме капацитетите на индустриските зони Визбегово, Расадник и Љуботенски Пат, бидејќи преку нивното работење ќе се обезбедат развојот и иднината на општината. Но она што сакам да го истакнам е дека грижата за младите ќе биде реализирана преку конкретни проекти, како за оние од предучилишна возраст, така и за училишната младина.
Претстои изградба на ново основно училиште во Визбегово и едно помало во Љуботен, во долниот дел од селото, како алтернатива за премостување на оддалеченоста на постојната училишна зграда, за да им се помогне на учениците да ги надминат своите проблеми, особено во зимскиот период.

Ќе се обидеме да ги решиме и потребите од спортска сала во Љуботен, се разбира претходно треба да се решат имотноправните работи на градежната парцела каде што ќе се гради спортскиот објект –  додава градоначалникот Смилевски. Тој вели дека треба да се изградат и две детски градинки, кои се ургентно потребни во населбата Бутел 1 и во Визбегово. Планирани се и многу други проекти чија реализација ќе зависи од можностите и капацитетите на општината Бутел.  

Превземено од www.opstinabutel.gov.mk

 

Треба да знаете
Последни објави