„Ме држеа 16 часа со лисици на рацете во полиција“, рече пратеничката Пешевска
„Не сум сторила тероризам, не сум ја загрозила безбедноста на македонскиот народ. Повреден е законот и Уставот со моето апсење. За полицијата не важеше мојот пратенички имунитет. Бев држена 16 часа со лисици на рацете“, рече пратеничката Жаклина Пешевска на денешната јавна седница на Апелациониот суд во Скопје за продолжувањето на куќниот притвор што ѝ беше изречен. Пешевска рече дека нема сторено ниту едно кривично дело.
„Не можам да повторам дело кое не сум го ни извршила. Не мислам да бегам и да влијаам врз сведоци. Ги понудив и двата пасоша, ако има потреба. Немам ниту еден ден отсуство во Собранието. Мајка сум на три малолетни деца. Живеам со стари свекор и свекрва, за кои се грижам. Загрозена ми е здравствената состојба, како и на моите деца, кои се под третман на психолози”, рече таа.
Таа се произнесе дека не е виновна и бараше да ѝ се укине куќниот притвор. „Сакам да му честитам на доблеста на народниот правобранител Иџет Мемети, кој констатира дека пратеничката била незаконски уапсена”, рече нејзиниот адвокат Боро Тасевски. Со кршењето на нејзините права се кршат човековите права на илјадници граѓани кои гласале за неа да биде пратеник, додаде адвокатот.
Според адвокатот, решението на кривичниот суд за куќниот притвор не содржи факти и докази. Тасевски пред тричлениот судски совет рече дека во постапката за продолжување на притворот биле прекршени нејзините права, кои треба да се отстранат.
Предлогот за продолжување на мерката куќен притвор не е доставено до обвинетата, рече адвокатот. „Бараме овој суд да го укине решението и да го врати на повторно одлучување”, потенцираше Тасевски и додаде: „Дискутираме за права на пратеник. Што да очекуваат граѓаните зад кои не стојат вакву аргументи? Не постои ниедна основа за притвор. Обвинетата е семејна со 3 малолетни деца. Живее со болни свекор и свекрва. Дел од нејзините деца боледуваат од хронични болести. Каде е тука опасноста од бегство?, праша адвокатот.
„Се прашуваме кое кривично дело би го повторила или би сторила ново дело? Настаните за кои е обвинета се случувале пред повеќе од 6 месеци. Таа дури пред два дена беше повикана да даде исказ во Обвинителството“, им објаснуваше на судиите адвокатот Тасевски.
Вишото јавното обвинителство бара да остане мерката куќен притвор. Сметаат дека со оваа мерка не се повредени законите и меѓународните конвенции. „Неоснована е жалбата дека на семејството не може да му укаже лекарска помош“, рече вишата јавна обвинителка.
Апелациониот суд во Скопје одржува јавна седница за продолжувањето на куќниот притвор на пратеничката Жаклина Пешевска. Седницата се одржува по жалбата на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, која се жали на одлуката на кривичниот суд да ѝ биде продолжен куќниот притвор за учество во насилството во Собранието на 27 април минатата година. До сега Апелација ги потврди одлуките на кривичниот суд за сите осомничени за настаните од крвавиот четврток во Собранието.
Судија на претходна постапка на 5 декември минатата година им изрече мерка куќен притвор на пратениците Жаклина Пешевска, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски по извршениот распит во кривичниот суд во Скопје. Претходно судот на тројцата пратеници Љубен Арнаудов, Крсто Мукоски и Сашо Василевски им изрече мерка притвор, по што тие со лисици на рацете беа спроведени во Истражниот затвор „Скопје“. Шестемина пратеници беа повикани на распит во судот за настаните во Собранието на 27 април бидејќи претходно Парламентот го прифати барањето за одземање на нивниот имунитет.