Харадинај: Убиството на Ивановиќ нема да влијае врз дијалогот со Србија, мотивите не се етнички
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај кажа дека убиството на лидерот на Граѓанска иницијатива СДП Оливер Ивановиќ е трагичен настан, но дека нема да има последици врз дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Харадинај во интервју за Хрватската радиотелевизија (ХРТ) кажа дека приштинските власти сакаат да се расветли убиството и да се открие вистината, наведувајќи дека можат да „постојат разни мотиви, политички и криминални, но не се етнички“.
По повод посетата на Косово на српскиот претседател Александар Вучиќ, Харадинај кажа дека реториката меѓу Косово и Србија е поумерена.
„Претседателот на Србија Вучиќ беше разумен“, кажа Харадинај.
На прашањето дали убиството на Ивановиќ може да влијае врз дијалогот во Брисел, Харадинај кажа дека не може бидејќи „станува збор за изолиран случај, за трагичен, неприфатлив настан“, како и дека Косово покажало дека има капацитети и за истрага и за безбедност.
Тој додаде дека ставот на Косово е дека не треба да се продолжи со постојниот дијалог туку дека треба да се премине во неговата завршна фаза, дека Србија треба да ја признае независноста на Косово.
„Ние не сакаме да одиме наназад, Косово е определено за евроатлантски интеграции, за Европа и НАТО, и истовремено негува пријателство со Америка кое се истакнува и е специјално“, кажа Харадинај.
На прашањето дали стравува дека тој би можел да биде предмет на истрагата на Специјалниот суд за злосторства на УЧК, Харадинај кажа: „Имам искуство. Не ме загрижува тоа“.