Дескоски: Република Македонија (Скопје) е решение кое не задира во идентитетот
Нашата држава треба да направи компромис со Грција и да прифати во меѓународните односи да го користи единствено своето уставно име – Република Македонија, и на тој начин да овозможи компромис преку кој ќе се направи разлика меѓу името на нашата држава и поширокиот регион „Македонија“ во кој таа се наоѓа, нагласува професорот по меѓународно право Тони Дескоски на својот Фејсбук профил, анализирајќи го коментарот на Ставрос Теодоракис лидер на грчката Либерално-демократската партија „Потами“.
Теодоракис на својот Фејсбук профил вчера објави зошто не присуствувал на вчерашниот митинг во Солун појаснувајќи дека 25 години се изгубени одржувајќи воена атмосфера со мала земја која, како што вели, земја која може да и биде верен сојузник на Грција.
– Не присуствувам на митингот затоа што ги презирам сите оние кои градат кариери со популистички ставови и националистички круни. Зошто не гледам многу разлики меѓу „поранешната југословенска Република Македонија” – која сите ја прифативме и Нова или Северна или Горна Македонија. Зошто секој пат кога една држава на Обединетите нации ја признава „Република Македонија”, грчката дипломатија е ослабена. Затоа што не сакам соседната земја да се распадне – сакам да го спречам „муслиманскиот подарок н на турската мајка” и „Големата Албанија” – посочува Теодоракис на Фејсбук.
Тој вели дека не го поддржал протестот затоа што носителите на препораките од земјите од 1992 година „да не се брза со решавање на името”, ја признаа „Република Македонија“. Според него, Солун е главен град на Балканот, а не фобичната провинција Атина. Теодроакис вели дека ова јавно го кажува затоа што не научил да се крие и дека тоа го очекува од другите политичари.
Професорот Дескоски во интервју за Канал 5 телевизија ја анализираше и биографската книга на професерот Денко Малески „Бебето од катран“ од 1992 година кога беше министер за надворешни работи, при што рече дека Република Македонија (Скопје) е името на нашата држава кое и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во повеќе наврати минатите години го прифатиле како решение во спорот со Грција.
Тој за МИА вели дека од нејасни причини во 1993 година тогашниот претседател Киро Глигоров и потсекретарот за надворешни работи Ристо Никовски го одбиле предлогот на британскиот Форин Офис да не поддржат за прием во Обединетите нации под името Република Македонија (Скопје), име кое министерот Малески го договарал со Британците.
Во својата биографија поранешниот министер Малески открива дека во преговорите бил на чекор до финалниот договор за тоа име, но од нејасни причини бил заобиколен од тогашниот државен врв, и не бил информиран за состанокот во Форин Офис во Лондон, на кој потсекретарот Ристо Никовски го одбил предлогот на Британските дипломати, по што министерот си поднел оставка.