Уставниот суд на Република Македонија денеска ќе ја одржи првата седница за оваа година со новоназначените судии Дарко Костадиновски и Осман Кадриу.
Собранието на Република Македонија на 11 јануари ги избра Костадиновски и Кадриу за нови судии на Уставниот суд на предлог на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.
Дарко Костадиновски е доктор на правни науки на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, од областа на меѓународното право. Докторирал на тема „Советодавната надлежност на Меѓународниот суд на правдата: правни последици од советодавните мислења на Судот“ и е автор на книгите „Меѓународна арбитража“ и „Меѓународниот суд на правдата – неопходност од реформи и промени (Советодавните мислења на Судот и нивните импликации)“. Костадиновски за уставен судија доаѓа од местото државен советник за надворешна политика во Кабинетот на претседателот на Република Македонија. Член е на Кабинетот на претседателот од 2001 година во тогашниот кабинет на претседателот Борис Трајковски. Од 2006 година продолжува неговиот ангажман, раководејќи со одделението за Европската Унија и НАТО во кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски. Тој во 1998 година работел на проект на УСАИД за подготовка на закони во Собранието на Република Македонија и бил набљудувач во рамките на проектот на Советот за радиодифузија за мониторинг и анализа на електронските медиуми. Во 2015 година, Костадиновски е назначен на функцијата пратеник на Република Македонија во Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации.
Осман Кадриу е професор на Факултетот за правни науки на ФОН и експерт во областа на облигационото право. Кадриу има повеќедецениски стаж во областа на правните науки како судија во Општинскиот суд во Кичево, член на Републичкиот судски совет и адвокат. Повеќе од десет години, Кадриу бил ангажиран како професор на Правниот факултет на Државниот универзитет во Тетово во граѓанскоправната област. Постдипломските студии во областа на граѓанскоправната област ги завршил на Правниот факултет во Белград, а има докторирано на истиот факултет на тема „Незаконитиот престанок на работен однос и одговорност на претпријатието за штета“. Кадриу има објавено четири книги од граѓанскоправната област, трудовоправните односи и политичкиот систем. Автор е на повеќе од 50 библиографски единици – научни теми и статии објавени во познатите стручни списанија во Македонија и странство.
Костадиновски и Кадриу дојдоа на местото на судијките Наташа Габер-Дамјановска и Г’зиме Старова, на кои мандатот им заврши во октомври минатата година. Тие беа избрани за судии на Уставниот суд по предлог на претседателот Бранко Црвенковски во 2008 година.
Покрај на Габер-Дамјановска и на Старова, мандатот во август минатата година му истече и на судијата Исмаил Дарлишта, кој во 2008 беше избран по предлог на собраниската Комисија за прашања на избори и именувања. Третото испразнето место за уставен судија треба да биде пополнето по предлог на Собранието на Република Македонија.
Уставниот суд го сочинуваат девет судии, кои се избираат од редот на истакнати правници. Собранието на РМ ги избира судиите на Уставниот суд. Собранието избира шест судии на Уставниот суд со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Собранието избира тројца судии со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор. Претседателот на Судот се избира од редот на судиите за време од три години, без право на повторен избор.