ТРАГЕДИЈА: Дете почина на Клиниката за Трауматологија во Скопје
Момче од 15 години починало додека го оперирале на Клиниката за Трауматологија.
Според најновите податоци до кои дојде порталот НОВА, момчето паднало на час по физичко, и било донесено како итен случај, а смртта настапила како резултат на малигна хипертермија која се случува во многу ретки случаи кај пациенти кои имаат генетска мутација и во комбинација со анестетик може да настапат компликации и смрт.
– Нема грешка во анестезијата, ниту пак се работи за алегриска реакција туку веројатно станува збор за ненормално однесување на организмот кон анестетикот и според клиничките знаци се сомневаме дека се работи за малигна хипертермија. Тоа може да се докаже преку генетско испитување кое ќе треба да го направи и семејството заради безбедност во иднина. На Хируршките клиники каде од секоја клиника посебно има по илјадници операции годишно досега не сме имале ваков случај. Клиничките знаци се исти како што се опишани во медицинската литература, потврдија за НОВА на КАРИЛ.
Министерство за здравство излезе со соопштение кое ви го пренесуваме во целост.
Министерство за здравство ќе направи целосна анализа за трагичниот настан во кој почина 15 годишното момче за време на операција на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ). Првичните информации говорат дека станува збор за малигна хипертермија која се случува во многу ретки случаи кај пациенти кои имаат генетска предиспозиција. Целиот кадар на Клиниката за ортопедија бил максимално ангажиран во напорите да се спаси момчето. Исто така формирана е и комисија на Клиниката која ќе го анализира случајот и по добивање на официјалните резултати од обдукцијата ќе се соопштат транспарентно на целата јавност. Во наредните денови се очекуваат и официјалните резултати од Институтот за судска медицина.