Интервју со Златко Марин градоначалник на општина Аеродром

Интервју на 24 Инфо со Златко Марин, градоначалник на општина Аеродром: Приоритети за 2018 година се  мерките против загадувањето, како и инвестиции во градинките и основните училишта во Аеродром.

 

Со кои мерки планирате да ја намалите градежната експанзија, со цел да обезбедите искористување на природните ресурси и квалитетот на животот во Општина Аеродром.

Деталните урбанистички планови во нашиот мандат ќе се носат преку однапред најавени јавни расправи и со цел повисок квалитет на живот за сите жители на Аеродром. Урбанистичките планови ќе обезбедат соодветен баланс меѓу урбаното и зеленилото, а при изградба на нови населби ќе ги имаме предвид згрижувачките и образовни капацитети во регионот. Ќе се фокусираме на урбанизирање на помалку развиените региони од Општината, како Горно и Долно Лисиче и ќе се обидеме да ги санираме штетите од досегашното непланско градење во старите аеродромски населби. Конкретно, почнуваме со изработка на соодветни паркинг-решенија во Мичурин и делови од Ново Лисиче. Исто така, значително вложуваме во зголемување на зелените површини во целата Општина, а предвидуваме нови паркови и детски игралишта во Мичурин и Стар Аеродром.

Кои се досегашните почнати проекти и кои од нив се приоритети во 2018 година?

Во краткиот период откако станав Градоначалник почна изградбата на нов објект за градинката „Буба Мара“ во Ново Лисиче, реконструкцијата на улицата „Тодор Чангов“ 20 и санирање на регионалниот пат Јурумлери – Драчево во Долно Лисиче. Придржувајќи се кон заложбите за почист воздух, за 20 пати го зголемивме буџетот за заштита на животната средина, составивме план и почнавме со реализација на конкретни мерки против загадувањето. Исто така, воведовме нови проекти кои преминуваат во редовни активности на Општината, како што се еднократна финансиска помош за талентирани спортисти и по 3.500 денари за секое првоодделенче. Приоритети за 2018 година се токму мерките против загадувањето, како и инвестиции во градинките и основните училишта во Аеродром. Во следните четири години ќе работиме плански и следејќи внимателно изгработени стратегии со јасна цел – обезбедување подобар квалитет на животот во целата Општина. Така, во моментов работиме на процена на згрижувачките и образовни капацитети, потребните инфраструктурни зафати, како и проекти во областа на спортот, културата, развивање соработка со невладиниот сектор и вклучување на младите во процесите на носење одлуки на локалната самоуправа.

ZLATKO 1.jpg

 

Кои мерки ги преземате за намалување на загадениот воздух  во општината?

Општина Аеродром има конкретен план со 12 мерки за почист воздух во 2018 година, за кои алоциравме 20 милиони денари. Речиси два месеци инспекторите на Општина Аеродром работат во две смени. Благодарение на оваа мерка, успеавме да интервенираме во повеќе од 30 случаи, кои се однесуваат на загадувањето, односно палење оган на јавни површини и опомени во индивидуадлните домувања. Исто така, инспекторите се постојано на терен во редовни и вонредни контроли на правните субјекти што се под надлежност на локалната самоуправа. Понатаму, предвидовме средства за прочистувачи на воздух во сите простории на градинките во Аеродром, инициравме формирање на Координативно тело за борба против загадувањето, во кое учествуваат сите скопски општини, Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање, реализиравме пилот-истражување за апликација на раствор со турбо-атомизери на улиците и голема еко-акција за расчистување на диви депонии во соработка со Град Скопје. Истовремено ги следиме препораките на централната и градската власт за интервентни мерки во случај на надминување на прагот на алармирање. Дополнително, како интервентни мерки предвидуваме набавка на филтри за оџаци или катализатор за горива за градинките и училиштата, кои сè уште се греат на нафта, а изработуваме и стратегија да се сменат системите за греење и да се постават енергетско ефикасни фасади на овие објекти. Работиме и на методологија за мапирање на загадувањето во Општината. Имено, со помош на мобилна мерна станица ќе се мери квалитетот на амбиенталниот воздух на 25 локации во Општината, со цел да се утврдат најзагадените региони и потенцијалните загадувачи. Соодветно добиените резултати, според можностите и во договор со секое домаќинство, Општината ќе нуди различни решенија, како што се чистење оџаци, донации за еколошки огрев и субвенции за набавка на алтернативни системи за греење (инвертер-клима уреди, печки на пелети). Оваа година издвоивме и 8 милиони денари за садење дрвја, што подразбира дополнување на блоковското зеленило, како и нови паркови. Планираме и поставување на вертикални зелени површини. Во оваа насока веќе имаме примено донација за Еко-билборд кој наскоро ќе биде поставен. Во соработка со УНДП и Министерството за животна средина и просторно планирање планираме реализација на проектот т.н. улица со „нула емисии“, кој вклучува промена на системите за греење и обезбедување енергетска ефикасност на одбрани објекти.

 

Какви активности преземате за развој на локалната економија?

Работиме на различни аспекти од локалниот економски развој. Прво, Општината планира да почне бизнис-инкубатор за социјално претприемништво, кој ќе има континуирана поддршка од локалната самоуправа. Истовремено привлекуваме инвеститори за развивање на индустриските делови по должината на булеварот „Трета македонска бригада“ и во Горно и Долно Лисиче.  Станува збор за бизниси од лесната индустрија, кои не ја загадуваат животната средина,  а ќе отворат повеќе работни места. Остануваме отворени и за поддршка и развивање на малите претпријатија и локалните трговски центри, кои ќе придонесат за поквалитетен живот во секоја населба.  

 

Со која стратегија ќе ги подобрите условите во градинките и училиштата и дали планирате во 2018 година отворање нови градинки, имајќи го во предвид недостатокот на градинки?

Во моментов правиме анализа, утврдуваме во кој региони од Општината има недостаток на капацитети и изработуваме стратегија за наредните четири години. Целта е да обезбедиме квалитетно образование и воспитно згрижувачки услови за сите жители на Општина Аеродром. Веќе почнавме со изградба на нов објект во рамките на градинка „Буба Мара“. Објектот ќе содржи 8 занимални со сопствени санитарни јазли и кујна, на вкупна површина од 1.500 квадратни метри. Средствата за новата детска градинка од околу 40 милиони денари се обезбедени од Буџетот на Општина Аеродром. За оваа година имаме одвоено средства за доградба на „Црвенкапа“ на ЈДГОА „Срничка“. За зголемување на капацитетите се надеваме на соработка со Министерството за труд и социјална политика, а разгледуваме и можности за пристап до странски фондови за подобрување на условите во објектите.

 .

Дали имате време за хоби и што е она што најчесто уживате да го правите во Вашето слободно време кое е тоа?

Работните обврски на градоначалникот немаат крај, особено ако се обидувате да поставите и да следите високи стандарди во работењето, така што, вообичаено не ми останува многу време за хоби. Меѓутоа, ја користам секоја прилика да поминам повеќе време со моето семејство. Како што можеби знаете во текот на кампањата ја имав таа радост да станам татко по втор пат. Сега со сопругата се грижиме за два сина – Лука и Матеј. Во слободните денови возиме велосипед и спортуваме со Лука, или глумиме сцени од неговиот омилен серијал Star Wars, што претставува вистинска забава за целото семејство.

Треба да знаете
Последни објави