Учество на Димитров на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, Швајцарија
Денес Никола Димитров во рамки на 48-от годишен состанок на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, учествуваше како дискутант на неформалниот собир на светски економски лидери на тема: „Идентитет, интеграција и миграција.” Настанот беше модериран од МНР на Канада Кристиа Фриланд, а во дискусијата посветена на современите предизвици поврзани со миграциските текови учествуваа и повеќе шефови на влади, министри и високи претставници на меѓународни организации. Во таа прилика Министерот посочи: „Искуството со мигрантската/бегалската криза и со економската емиграција од самите земји во Западен Балкан ни’ покажа дека евроинтеграцијата на регионот претставува безбедносен императив и за самата ЕУ, а економскиот прогрес на земјите од регионот наша заедничка обврска.”
На маргините од Форумот, министерот Димитров оствари и неколку билатерални средби и тоа со: МНРС на Шпанија Алфонсо Дастис, МНР на Албанија Дитмир Бушати, министерот за европски прашања на Црна Гора, Александар Пејовиќ, МНР на Швајцарија Ињацио Касис, како и со европратеничката Мариетче Схааке.
На средба со својот шпански колега, министерот Димитров го информираше соговорникот за тековните чекори кои Владата на Република Македонија ги презема на домашен и надворешен план во насока на реализација на европските и евро-атлантските аспирации и воедно побара поддршка од шпанска страна на тој пат.
При средбите со колегите Бушати и Пејовиќ беа разменети последните информации околу нацрт Стратегијата на ЕУ за проширување на Западен Балкан чија објава е најавена за 6 февруари 2018.
За време на средбата со МНР на Швајцарија, министрите разменија мислења за билатералната соработка меѓу двете земји и поддршката од швајцарска страна во насока на натамошен развој на македонската демократија и економски развој.
Со европратеничката Схааке Министерот Димитров разговараше за македонското ЕУ портфолио и начините за негова успешна реализација. Воедно, при крајот на денот се очекува Министерот да се сретне и со Мајкл Абрамовиц, претседател на Freedom House, а во насока на негово запознавање со актуелните случувања во Република Македонија и реформските процеси и заложби за натамошен демократски развој на земјата.