ДУИ бара да биде разрешен Зендели од БЕСА во Комисијата за избори и именувања
Поради заминувањето на неколку пратеници од опозициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ во владејачката коалиција предводена од СДСМ, ДУИ побара Фадил Зендели, пратеник од Движењето Беса, да биде заменет со пратеник од нивната партија во собраниската Комисија за избори и именувања.
Пратеникот Фадил Зендели, пак, изјави дека власта сака да го смени за да има мнозинство во Комисијата за избори и именувања.
Според сегашниот распоред на силите во Комисијата, мнозинство има опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ – 6 и Движењето Беса – 1, а владејачката коалиција СДСМ-ДУИ има 6 члена.
Но, за да донесе одлука Комисијата, треба да има кворум од седум пратенички гласови, а владејачката коалиција ги нема.
СДСМ и ДУИ имаа само шест гласови, а за да имаат мнозинство им фали еден глас. Гласот што фали е тој на Фадил Зендели од Движењето Беса, кој треба да гласа против себе за да може на негово место да дојде пратеник од ДУИ.
Претседавачот на Комисијата Хари Локвенец изјави дека тој за време на седницата го добил предлогот на ДУИ за промена на составот на Комисијата.
„Денес Собранието демонстрираше врвна демократија. Ја отворив седницата и добив предлог од ДУИ. Колегата Зендели побара процедурално и пет минути пауза и јас ја дадов. Бидејќи предлогот го добив на седница, не можам да го коментирам. Логично е поради новата распределба на мнозинството во Собранието да има и персонални промени“, изјави Локвенец.
Локвенец ја водеше Комисијата за избори и именувања, бидејќи претседателот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ поради бојкот не учествува во работата на Собранието.
Претседателот на Комисијата Илија Димовски, изјави дека промената на Зендели со кадар на ДУИ е кршење на досегашниот договор.
„Јас не присуствував на седницата поради бојкотот на Собранието. Ако имало предлог за замена на член во Комисијата од Движењето Беса со кадар на ДУИ, тоа не е во согласност со практиката и демократските процеси. Тоа е кршење на договорот“, изјави Димовски.