По смртта на момчето, Здравство ќе набави лек против малигна хипертермија
Министерството за здравство ќе набави лек кој од кој би можел да се спаси живот при реакција каква што имаше минатата недела 15-годишното момче што почина од малигна хипертермија по примањето на анестезијата заради операција на колено.
– Овој лек очекуваме да го добиеме како донација од американска фондација во текот на следната недела – изјави министерот за здравство Венко Филипче, за Сител.
Лекот „дантролен“ ќе биде внесен во земјава преку интервентен увоз, а ќе го добијат и некои приватни болници. Лекот не е регистриран во Република Македонија.
Директорката на Клиниката за трауматологија, ортопедија, анестезија, реанимиција, интезивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) во Скопје, д-р Маја Мојсова, вели дека станува збор за генетска мутација при која има патолошки одговор на клеточното ниво на анестетици.
Таа во емисијата „24 Анализа“ објасни дека самата генетска мутација влијае анестетикот да влијае штетно врз целиот организам, со зафаќање на белите дробови, срцето, црниот дроб. Во случајов најголема реакција имало кај белите дробови. Таа посочи дека за вакви случаи постои лек кој не значи дека ќе спаси живот, но може да помогне во ситуации како во случајот со 15-годишното момче.
Лекот не е нов, но е скап и го нема на Хируршките клиники.
Од Институтот за судска медицина велат дека најрано за три недели ќе можат да ја утврдат точната причина за смртта на момчето.