Почна лидерската средба за спорот со името
Во Клубот на пратениците по иницијатива на Министерството за надворешни работи почна координативниот состанок на државниот и политичкиот врв на Македонија за предлозите за името на посредникот на Обединетите нации Метју Нимиц.
На средбата ќе се разгледува иницијалната рамка за решавање на разликата за името што ја предложи медијаторот од Обединетите нации, Метју Нимиц, на 17 јануари во Њујорк.
На состанокот учествуваат претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
В понеделник и вторник Нимиц ќе биде во Атина, а в среда и четврток во Скопје. Тој ги очекува одговорите на раководставта на Македонија и Грција на неговиот пакет предлози.
На 4 февруари во Атина е најавено дека ќе се одржи уште еден протест на кој главното мото ќе биде „Македонија е Грчка”. И од овој протест, како и од оној во Солун, организаторите од власта бараат во новото име на нивниот северен сосед да го нема терминот „Македонија”.