Нова Македонија е името што кружи како можно решение, тврди грчкиот политичар Левендис
Да смени тактика и да почне од нула, а не од сложено име, затоа што „Македонија не припаѓа ниту на Ципрас, ниту на Мицотакис, ниту на Левендис, туку Македонија е Грција“, биле препораките до Ципрас од лидерот на Сојуз на централисти, Василис Левендис.
Тој по средбата со грчкиот премиер, говорејќи пред новинарите, откри дека името што се споменува како можно решениe и во амбасадите, но и секаде е Нова Македонија.
– Побарав од Ципрас, да смениме тактика, да ги почнеме преговорите од нула и тогаш целиот народ ќе биде со него, доколку почне од нула – рече Василис Левендис и објасни, јавува дописникот на МИА од Атина, дека грчкиот премиер му кажал дека во 2008 тогашниот претседател на грчката влада Костас Караманлис се согласил за името Македонија, Скопје.
– Ако започнеме од нула ќе има поддршка од цела Грција, почнувајќи од мене како Левендис. Но, ако почнува со тоа се изморивме не можеме повеќе, треба да се реши прашањето и слично, да го даде името Нова Македонија, јас ќе бидам против. Затоа што Македонија не е ниту на Ципрас, ниту на Мицотакис, ниту на Левендис. Македонија е самата Грција и нема простор за отстапки – порача лидерот на малата партија Солуз на централисти, партија која на последните избори во Грција за прв пат влезе во парламентот.