Се бара одговорност за тешкиот инцидент во основното училише „Гоце Делчев“ во Неготино
Љубовна караница за момче најверојатно била причината за бруталното претепување на 14 годишно девојче во дворот на основното училиште Гоце Делчев во Неготино. Во инцидентот кој се случи во средата, а вчера се појави и на „јутјуб“, две ученички брутално ја удираат и ја влечат нивната соученичка за коса, а нивните врсници само гледаат и снимаат со телефони, без да се обидат да ја спречат тепачката.
Според училишниот психолог Елена Кабранова, една од напаѓачките, но и жртвата, кои биле другарки, веќе имале опомени затоа што често бегале од часови. Службите разговарале со напаѓачките, кои се покајале за тоа што го направиле. За овој инцидент ќе добијат намалено поведение, бидејќи таа е следната мерка која според законот им следувала.
Инцидентот го осуди и министерката за образование, Рената Дескоска.. Според неа, вчерашниот настан е лош показател за состојбите во едукацијата на младите и нивното воспитување, кои што постојат подолго време. Дали има одговорност кај службите и обезбедувањето на училиштето, таа не можеше да одговори, бидејќи од снимката не можело да се утврди дали инцидентот бил во или надвор од кругот на училиштето.
„Сите сме шокирани од тоа што го видовме на снимката. Училиштето е контактирано преку Државниот просветен инспекторат и им е посочено дека треба да ги преземат сите законски мерки коишто се предвидени во таков случај.“ – изјави Рената Дескоска – министерка за образование и наука.
Осуда за тепачката стигна и од првата детска амбасада „Меѓаши“. Оттаму ја повикаа министерката дескоска целосно да го истражи случајот..
„Во затајување на позитивните аспекти на семејството поточно на родителите, немањето на време да се посветат на семејството, од пропустите во образовниот систем кои се евидентни, зошто ова се случило во училишен двор, но тука комплетно затаила државата. Децата во Македонија се повеќе тонат.“ – изјави Татјана Гоговцка – Прва детска амбасада „Меѓаши“.
За бруталното претепување на ученичката е информирана и полицијата. Оттаму велат дека во понеделник на разговор се повикани учениците, нивните родители и стручните служби од училиштето. Не се отфрла можноста за инцидентот да бидат поднесени и кривични пријави.