Странски лекари работеле нелегално во Катлановска Бања, времена забрана за работа
Катлановска бања нема да прима пациенти поради нелегална работа на тројца странски лекари. Државниот здравствен инспекторат стави времена забрана по извршените контроли во работењето на центарот, со кои се утврдило дека анестезиолог, дефектолог и ортопед работеле нелегално во бањата.
Катлановска Бања со години на диво лекувала пациенти, без дозвола за вршење здравствена дејност. Бањата соработувала и со Фондот за здравствено осигурување, кој одвојувал пари за пациентите што се лекување во Катлановска Бања и покрај тоа што правниот субјект немал дозвола за оваа дејност. Вонредниот инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен иснекторат утврдил дека во објектот на Катлановска Бања може да се врши бањско лекување, но не и медицинско, тврди директорката ДСЗИ, Ирена Бухова.
„Дополнително, во правниот субјект се затекнати тројца доктори кои не се државјани на Македонија, а немале дозвола од Министерството за здравство, ниту од Лекарската комора. ДСЗИ даде забрана за вршење здравствена дејност сè до обезбедување документација. Бањското лекување не влегува во измените на Законот за здравствената заштита, па, така, не може да се изврши надзор во тој дел“, вели директорката Бухова додавајќи дека нема податок за тоа од кога докторите без дозвола работеле во Бањата.