Притвор за албански државјанин кој пренесувал дрога на Богородица

Триесет и седумгодишен албански државјанин заврши во притвор поради постоење основано сомнение дека неовластено преку граница пренесувал наркотична дрога марихуана во количина од над 130 килограми.

„Осомничениот со товарно моторно возило „волво“ со албански регистарски ознаки и со полуприколка „кроне“, со албански регистарски ознаки, пренесувал дрога на граничниот премин Богородица. Вo посебно направен простор во внатрешноста на страничните штици за кои е прицврстена церадата на полуприколката биле сместени 323 пакувања со правоаголна форма, обвиени со транспарентна растеглива фолија, во кои била сместена наркотичната дрога марихуана, што е констатирано од страна на овластените службени лица на Царинската управа на Република Македонија“, соопшти Обвинителството.

Поради околности, кои укажуваат на опасност од бегство на осомничениот и го оправдуваат стравот дека осомничениот може да го повтори кривичното дело, судијата на претходна постапка на Основниот суд Велес достави предлог да се донесе решение со кое се определува притвор за осомниченото лице. Од страна на судија на претходна постапка на Основниот суд Велес е определена мерката притвор во траење од 30 дена.​


Треба да знаете
Последни објави