В сабота акција за чистење во сите општини
Во сабота градоначалниците низ земјава ќе спроведат акција за чистење на ѓубрето, најави денес градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС, Петре Шилегов.
Шилегов кажа дека не е задоволен од чистотата во Скопје и во градовите, ги повика граѓаните да се вклучат во чистењето и порача дека треба да се зголеми свеста за да имаме почиста животна средина.
„Скопје и Македонија за жал не задоволуваат во смисла на чиста животната средина и во делот на комуналниот отпад и во делот на чистење на улиците и нашата концентрација оваа пролет ќе биде токму чистење. На сто локации есента расчистивме диви депонии, но тие сега повторно се направени. Го засилуваме потенцијалот на инспекциското одделение и разговараме со централната власт за зголемување на ингеренциите на комуналните инспектори со цел најпрво преку едукација а потоа и со казни да се обидеме да ја подигнеме свеста за чиста животната средна. Градот пред 1. Мај ги подготви сите излетничките места во Скопје, но не можам да бидам задоволен од тоа како ги оставија граѓаните по завршување на излетот“, рече Шилегов.
Како што најави Шилегов во акцијата во сабота ќе се чистат диви депонии, комунален отпад, парковите и улиците.
„Придонесот на секој граѓанин ни е важен. Затоа ги повикуваме и граѓаните, доброволно да се вклучат во оваа акција во својата општина. Ајде заедно да го разубавиме нашиот роден крај, местото каде што живееме, работиме, учиме, каде што поминуваме најголем дел од нашиот живот. Заедно да се избориме за чиста и здрава животна средина како влог во иднината на нашите деца. Заедно да се гордееме со постигнатите резултати како пример во регионот и пошироко“ рече Шилегов.