Димитров: Главната разлика е опсегот на употребата на името
Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров денеска по средбата со неговиот грчки колега Никос Коѕијас во Солун, изјави дека главната разлика во спорот за името е промената на Уставот и опфатот на употреба.
„Разлики уште има. Ова што вчера и денес го направивме, испитувавме комбинации што едната и другата страна би можеле да ги прифатат. Тоа е нашата задача. Треба за овие елементи да разговараме дома и поплодно да ја искористиме наредната средба. Зборот ќорсокак не би го употребувал. Влогот е многу голем“, рече Димитров на одговор на новинарско прашање.
Тој порача дека знае оти очекувањата од проговорите за спорот за името се големи, а средбите се чести и се одвиваат речиси секоја седмица. Но, според него, исто така и рововите од каде што почнале биле многу длабоки, а влогот е многу голем. Според Димитров, со Коѕијас ги истражувале опциите и комбинации од потешките прашања кои останале. Тој порача дека средбата била многу отворена и корисна.
„Целта е да најдеме едно чесно одржливо трајно решение кое двете страни ќе можат да го прифатат“, порача Димитров.