Припадници на Армијата на Република Македонија во состав од еден ешалон од Четвртиот механизиран пешадиски баталјон, од Првата механизирана пешадиска бригада, ќе учествуваат на парадата по повод Денот на бугарските вооружени сили, која ќе се одржи на 6 мај во Софија.
„Составот на АРМ кој замина во Бугарија од денеска заедно со своите бугарски колеги ќе ги извежбува постапките за настапот на воената парада“, соопшти портпаролот на ГШ на АРМ, Тони Јаневски.
Учеството на единица од АРМ на парадата е врз основа на покана за учество од страна на претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, за време на неговата официјална посета на Македонија во февруари годинава. На самата воена свеченост на изведување на парадата на 6 мај во Софија ќе присуствува и висока воена делегација на АРМ предводена од началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски.