Ризикот од мозочен удар кај мажи и жени во средни и во постари години би можел да се намали повеќе од 60 отсто ако редовно посетуваат сауна, покажуваат најновите резултати.
Истражувањето е спроведено врз 1.628 мажи и жени од 53 до 74 години, а кардиоваскуларното здравје и зачестеноста од мозочни удари кај таа група луѓе се следени 15 години.
Поголем дел од Финците одат во сауна барем еднаш неделно, а учесниците во истражувањето биле поделени во три групи, едни оделе во сауна еднаш неделно, други два-трипати, а трети оделе од четири до седумпати неделно.
Токму последната група, која одела најмногу во сауна, имала 60 отсто помал ризик од мозочен удар во споредба со оние што сауната ја користеле еднаш неделно. Средната група имала 12 отсто помал ризик во споредба со првата група.
Научниците објасниле дека ова е само набљудувачка студија, па не можат да тврдат дека одењето во сауна директно предизвикува помала зачестеност на мозочни удари.
Сепак, докажано е дека сауната има многубројни здравствени предности, како што се намалување на крвниот притисок, подобрување на функцијата на белите дробови, како и намалување на ризикот од срцев удар, поради што експертите велат дека би можело да се заклучи дека одењето во сауна помага и во намалувањето на ризикот од мозочен удар.