Судот е заробен, а Специјалното јавно обвинителство работи по политичка нарачка на Зоран Заев. Цената на послушноста ја откри самиот Заев. Шефот за човечки ресурси во Основен суд Скопје 1, кој е и десна рака на претседателот на судот Иван Џолев, Горан Стаменковски е назначен за советник на Заев, тврди ВМРО-ДПМНЕ.
„Ќе зема пари кабинетот на премиерот за да биде линк помеѓу Заев и Џолев. Изгледа да не беше доволно тоа што претседателот на судот стоеше во став мирно пред Заев кој е обвинет за тежок криминал и му се суди во кривичниот суд. Цената на политичко монтирано обвинение и политичко мотивирано барање за притвор или одземање патна исправа е предлогот сестрата на Катица Јанева за заменик претседател на комисијата за хартии од вредност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Со ваквата одлука, велат од партијата, се става под сериозен сомнеж независноста на оваа институција.
„Државата е заробена поради интересите на картелот. Институциите се користат за враќање на долговите на Зоран Заев кон поединци и групи. Заев ја држи државата во грч. Непотизмот и вработувањето по партиски клуч се начинот на кој функционира картелот. Веднаш по доаѓањето на власт видовме како градоначалниците на Битола, Неготино и Берово си ги вработија своите сопружници. АД ЕЛЕМ го претворија во место за згрижување на децата на функционерите, на државна плата во ова претпријатие картелот ги вдоми децата на Мирослав Грчев и Талат Џафери, како и сопругот на Магдалена Несторовска“, обвини опозицијата.
Од таму додаваат дека функција добил и синот на Љубомир Фрчкоски, кој бил именуван за раководител во АД за Стопанисување со станбен и деловен простор.