Две тешки кражби извршени од засега непознати сторители во цркви во Копанце и Радиовце биле пријавени вчера во полиција, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски. Според пријавите, двете кражби биле извршени во периодот меѓу вторник и среда.
Кражбата во црквата „Свети Никола“ во Копанце била пријавена од Ч.Е. (74) од ова село и според неговата пријава непознатите откако не успеале насилно да ја отворат влезната врата исто така насилно ја провалиле металната каса поставена до вратата и одзеле околу 1.000 денари во разни апоени, а потоа со камења го скршиле прозорецот од источната страна на црквата, влегле внатре и од отворената каса одзеле околу 1.500 денари.
Со одземените парични средства преку претходно скршениот прозорец непознатите ја напуштиле црквата и незабележани од никого се оддалечиле од местото рече Јосифовски.
Случајот со тешка кражба во црквата „Свети Атанасиј“ во тетовското село Радиовце вчера околу 18 часот ја пријавил Т.М.(66). Во овој случај непознатите сторители најпрво го скршиле стаклото од десната страна на влезната врата, целосно ја пребарале внатрешноста на црквата и од иконите и делот за палење свеќи одзеле од 500 до 1000 денари во разни апоени. Потоа на ист начин како што влегле така и излегле од црквата и заминале во непозната насока.
Полицијата извршила увид на двете места и презема мерки и активности за откривање на сторителите.