Села нуди куќа и нива да го извади од притвор Абдулфета Алими
Лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, ја понудил неговата куќа како гаранција за укинување на притворот на Абдулфета Алими, членот на собраниското обезбедување, кој се наоѓа во затворот во Шуто Оризари како еден од 30-те обвинети за настаните во Собранието на 27 април лани. Алими е едно од лицата кои на „крвавиот четврток“ учествуваше во спасувањето на пратеникот.
Прво, како гаранција семејство на Алими ја дало семејната куќа во село Оризари во Општина Липково, но тоа не било доволно, па Села ја дал и неговата куќа во селото Ливада и една нива.
– Му благодарам на господинот Зијадин Села што ја даде и неговата куќа како гаранција. Тој беше со нас во овие лоши моменти за нашето семејство. Но, веруваме дека правдата ќе победи еден ден зашто татко ми нема никаква вина за случувањата на 27 април –вели Бурим Алими, синот на Абдулфета.
Од Кривичен суд само потврдија дека е дадена гаранција, но немаат информација кој ја дал. Предметот, велат од судот, е даден на мислење во обвинителство и кога ќе има одлука од кривичниот совет јавноста ќе биде известена.
Покрај семејството на Алими, и од Алијансата за Албанците за Плусинфо потврдија дека Села ја дал куќата како гаранција откако виделе дека имотот што го приложило семејството не бил доволен. Од партијата на Села велат и оти ако ова не е доволно, и други функционери од Алијансата се спремни да дадат имот како гаранција.
Оттаму брифираат и дека дополнително се мотивирале да му помогнат на Абдулфета Алими откако слушнале дека, според нив, најодговорниот за „крвавиот четврток“ Митко Чавков со кауција успеа да излезе од притвор.
Инаку, Алими беше еден од сведоците кои ги предложи обвинителството во судскиот случај за обидот за убиство на Зијан Села во кој обвинети се вкупно 10 лица. Во судница тој сведочеше за тоа што го видел во прес салата во Собранието ноќта на 27 април и за тоа како го спасувале по лидерот на Алијансата.
– Се маваше со сѐ и сешто, се бараше шиптарска крв. Овие зборови доаѓаа од толпата – раскажуваше Алими за атмосферата во прес-салата.
Таму тој кажа дека се задржал 10-15 минути и додека бил таму Села сѐ уште бил во групата пратеници кои се наоѓаа во аголот од просторијата. Членот на обезбедувањето рече дека повторно го видел по лидерот на Алијансата дури откако тој од прес-салата низ собраниските ходници беше однесен на приземјето кај бифето.
– Во бифето не знаевме што да правиме. Се гледаше од лицата на тие кои беа таму дека никој нема смелост да го земе Села, да го извади од таму и да го прикрие. И’ кажав на колешката дека ќе го земам и ќе го носам горе по помошните скали. Не можев сам, па ѝ реков на колешката да помогне некој и дојде еден дечко. Села ме праша на македонски, каде го носиме и му реков дека е во сигурни раце. На вториот кат кога се качив слушнав дека некој рече оти не е завршена работата со Села. Ова доаѓаше од гаражата. Отидовме на трети кат каде беше отворена една канцеларија, влеговме внатре. Прво, го ставивме Села под маса. Ме праша каде е, и дури тогаш му одговорив на албански да не се секира и оти јас сум Фета од обезбедувањето. Земав салфети да го избришам. Потоа гледавме како да избегаме од таму за да се спасиме – сведочеше Алими.
Тој раскажа и како го евакуирале по Села откако дошле пратеникот Влатко Ѓорчев, а потоа и полицајците. Му ставиле полициска легитимација и капа, па го изнеле викајќи дека е повреден полицаец. Со оклопно полициско возило го однеле во државна болница.