Семејна трагедија во Австралија: Маж смртно ги застрела сопругата, ќерката и внуците

Таткото на четирите деца кои беа најдени мртви заедно со мајката во руралните предели на Западна Австралија, за трагедијата го обвинува дедото на неговите деца.

 

Арон Кокман смета дека на Питер Мајлс (61), кој е единствениот осомничен за убиствата, „не му пукнал филмот“, туку ова било напад што го планирал долго време.

Телата на Мајлс, неговата сопруга Синда, ќерката Катрина и четворицата внуци беа најдени во Осмингтон во петокот.

Полицијата рече дека во моментов нема други осомничени.

Кокман и Катрина Мајлс не живееле заедно кога се случи трагедијата и тој вели дека не чувтвува гнев, туку само огромна тага за неговите деца.

„Не сакам никој да биде гневен“, рече тој.

„Уште го сакам споменот за тоа кој беше Питер… да не беше тој немаше да ја имам Катрина и нашите деца. Не ми ги одзеде некој случаен странец, тој ми ги даде и тој ми ги зеде.“

Кокман смета дека Мајлс се соочувал со психички проблеми, особено откако Катрина објавила на социјалните мрежи дека децата имаат аутизам.

Тој рече дека наоѓа некоја утеха во тоа дека децата умреле мирно во сон, но дека изгубил сѐ што имал во животот.

Полицијата била известена за убиствата од маж кој дошол на имотот на семејството. Тој ги нашол телата на Синда (58), Катрина (35) и децата Тај (13), Рајлан (12), Ајри (10) и Кајден (8) во колиба пренаменета во простор за живеење.

Семејната трагедија ја потресе мирната рурална заедница Осмингтон што се наоѓа на околу 20 километри од Маргарет Ривер, популарна турустичка и винарска област во Австралија.

Треба да знаете
Последни објави