Му ја напишав крвната група на Села на неговиот дуксер сведочеше Ѓорчев
Пратеникот Влатко Ѓорчев во кривичниот суд во Скопје сведочи за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села. Тој сведочеше дека кога се обидел да влезе во прес-салата на Собранието, го спречиле толпа луѓе. Потоа слушнал истрел, по што, како што рече, тензијата се зголемила.
„Кога ги видов повредените пратеници решив да застанам пред нив и да ги штитам. Сфатив дека нема да можам сам да ги штитам и почнав да повикувам луѓе заеднички да ги одбраниме луѓето“, рече Ѓорчев. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ појасни дека ги повикал на помош поранешните пратеници Александар Флоревски и Веле Горгиевски. Потоа ги сретнал Антонио Филевски, како и новинарите Горан Трпеновски и Бранко Горгиевски. Ѓорчев потенцираше дека во одбрана застанал и обвинетиот Александар Јаневски Тошта.
„Тошта цело време стоеше до мене и активно ги бранеше луѓето. Не само што се туркаше дури туку и апелираше со зборови да престанат“, рече Ѓорчев. Кога почнале експлозиите од шок-бомбите, Ѓорчев сведочеше дека се исплашиле бидејќи не знаеле што се случува.
Пратеникот Ѓорчев појасни дека од канцеларијата на третиот кат пратеникот Зијадин Села го однеле во пратеничкиот клуб. Таму комуницирал со Села, но појасни дека Села тешко зборувал. Тој рече дека го прашал Села која крвна група е, по што откако му ја кажал, Ѓорчев со пенкало ја запишал на блузонот кој го носел пратеникот за, како што рече, да не се губи време во болница. Обвинетиот Тошта на пратеникот му се заблагодари за сведочењето.