Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР во координација со ОЈО идентификуваше и сузби организирана криминална група составена од шест лица коишто биле инволвирани во недозволена трговија со наркотици, кокаин и марихуана, при што од слобода се лишени пет лица, а шестото лице од групата е во притвор во Србија.
„Во текот на 2017 година на територија на Србија беа запленети 128 килограми и 670 грама марихуана, како и 440 грама кокаин и 1330 грама смеса за мешање (фанацетин и манитол), кои оваа група сакала да ги транспортира до Македонија и Србија“, рече портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес конференција.
Вчера по наредба на судија, МВР извршиле претреси на неколку локации и тоа на подрачје на Тетово и Прилеп, со цел лишување од слобода на лицата припадници на групата, и дополнително обезбедување материјални докази околу организираните транспорти на кокаин и марихуана.
Во рамки на криминалистичкото истражување, обезбедени биле докази за два транспорти на наркотична дрога.
Во првиот случај утврдено е дека лицата Н.Д. (33) во Прилеп и Б.Е. (43) во Тетово, во текот на септември минатата година од лице од Белгија набавиле околу 0,5 килограми кокаин по цена од 25.000 евра и смеса за мешање. За таа цел организирале транспорт при што кокаинот го сместиле во возило „мерцедес“ со белгиски регистарски ознаки со намера да го пренесат од Белгија до Македонија. Подоцна, на излез од Србија, кај Прешево, од страна на српски полициски и царински службеници возилото било сопрено, а со него управувал Н.Д. кој се дал во бегство, илегално ја преминал границата и влегол во Македонија. По извршен преглед на возилото пронајдени се два пакети наркотична дрога кокаин со вкупна маса од 440 грама и смеса за мешање, фанацетин и манитол, со вкупна маса од 1330 грама. Паричните сретства за набавка на кокаинот по инструкции биле префрлени кај лицето од Белгија.
Во рамки на вториот случај, пак, утврдено е дека лицето Ј.И. (41) од Тетово набавил наркотична дрога марихуана, ја складирал на територија на Косово, по што заедно со лицето А.М. (53) од Тетово ја сместиле во товарно моторно возило. Притоа Ј.И. го ангажирал лицето И.И. (70) од Тетово, да изврши транспорт на марихуана за одреден паричен надомест од Косово до Србија. Во декември, минатата година од страна на полициски службеници на Србија во близина на Владичин Хан, сопрено е ТМВ со тетовски регистарски ознаки управувано од И.И. во кое, по извршениот претрес, во резервоарот биле пронајдени 131 пакувања со марихуана. По извршено вештачење утврдено е дека се работи за наркотична дрога марихуана со вкупна маса од 128 килограми и 670 грама.