Џанлуиџи Буфон, легендата на светскиот фудбал, објави дека по 17 години ќе го напушти Јувентус. Својата одлука, Буфон, ја соопшти на прес конференција во друштво на претседателот на Јувентус, Андреа Ањели.
Буфон рекол дека саботниот натпревар против Верона ќе му биде последен во дресот на Јувентус, но не и во неговата кариера.
„В сабота ќе го одиграм последниот натпревар за Јувентус и на тој начин ќе ја завршам оваа сјајна авантура, со две титули и со целосна поддршка од раководството“, рекол легендарниот голман.
Буфон, 17 години го носи дресот на Јувентус, тој во Торино пристигна од Парма. Со „старата дама“, освоил девет шампионски титули во Серија А, една во Серија Б, четири во Купот на Италија и пет во Суперкупот. Бил светски шампион со италијанската репрезентација, но никогаш не успеал да ја освои Лигата на шампионите.
Џиџи го бранел голот на Јувентус на 655 натпревари, а исто така е клупски рекордер според бројот на минутите минати на теренот. Буфон го бранел голот на „старата дама“ 41.956 минути.
„Многу ми е драго што дојдоа толку луѓе да ме видат. Секогаш сум се обидувал да бидам чесен и искрен, секогаш сум се борел против дволичноста. Многу сум емотивен, но денес тука дојдов среќен и целосно исполнет. Секогаш сум се обидувал да го давам најдоброто од себе“, рекол 40-годишниот голман.
Тој потврдил дека заминувањето од Јувентус нема да значи и крај на неговата кариера, што ги поттикна шпекулациите дека Буфон би можел да се пресели во Англија.
„Пред две недели моето пензионирање беше очигледно се додека пред неколку дена не добив интересни понуди, на теренот и надвор од него. Најважно е дека тие што беа надвор од теренот беа од страна на претседателот Ањели. Откако ќе го одиграм последниот меч в сабота ќе ми бидат потребни два-три дена добро да размислам, но сигурен сум дека моето срце ќе ја донесе конечната одлука“, изјавил Буфон.