Премиерот Зоран Заев на самитот на ЕУ за Западен Балкан денеска оствари средба со премиерот на Кралството Холандија, Марк Руте.
Заев на средбата изрази големо задоволство од билатералните односи меѓу двете земји кои оваа година одбележуваат 25 години од воспоставувањето дипломатски односи. Добрите односи меѓу двете земји е крунисано со исклучително позитивни искуства во сферата на политичката и културната соработка, посебно во туризмот, како и во економските врски меѓу двете земји.
Кралството Холандија е силен поддржувач на обновата на политичкиот систем и институциите по политичката криза во земјата и останува со силна поддршка во креирањето слободно функционално општество и пазарна економија.
Премиерот Заев го информира својот колега за актуелниот политички момент во Република Македонија и истакна дека Владата останува максимално посветена на континуитетот во реформите, кои по неусловената препорака за почеток на преговорите со ЕУ од страна на Европската комисија, добија нова движечка сила во спроведувањето и утврдувањето на приоритетите.
Заев на средбата го запозна холандскиот премиер со последниот развој во разговорите со Република Грција за прашањето на името и информира дека двете страни се целосно посветени на успешен исход во интерес на двете земји. Максималните напори на двете страни во преговорите се од особено значење и поради фактот што земјава нема алтернатива во аспирациите за членство во ЕУ и НАТО и заемната поддршка во изнаоѓањето заеднички прифатливо решение ќе го поттикне процесот до неговата цел.
На средбата е истакнато дека поддршката на земјите членки на ЕУ во решавањето на ова прашање, како и во охрабрувањето на реформските процеси соодветни на стандардите на ЕУ, е од исклучително значење за Република Македонија, но и за ЕУ заради интеграцијата на регионот и стабилноста на Западен Балкан.