ААВМУ ја одзеде дозволата на радиото „Слободна Македонија“
Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) на својата денешна седница ја одзеде дозволата за емитување на радиото „Слободна Македонија“.
Одлуката беше донесена едногласно, а по гласањето претседателот на Советот, Лазо Петрушевски, изрази жалење за вработените, кои како што рече, сигурно веќе подолго време се без работа.
– Сепак, Советот нема друга можност освен да постапи по законите, а медиумот има други можности, по судски пат да се обиде да ја продолжи битката – рече Петрушевски.
Постапката почна уште минатиот месец, откако стручните служби на ААВМУ по извршениот вонреден надзор констатирале дека оваа радиодифузна куќа повеќе не ги исполнува минималните кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување и му препорачаа на директорот на ААВМУ да достави предлог до Советот на ААВМУ за покренување постапка за одземање на дозволата за радио емитување.
Постапката за одземање на дозволата почна на 4 мај, кога претседателот на Советот рече дека останува законскиот рок од 15 дена откако радиодифузерот ќе ја добие одлуката, да преземе мерки за да ги исполни условите.
Но, како што рече тогаш директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски уште од 8 февруари годинава, кога се упатени првите предупредувања дека не се исполнува програмскиот концепт за кој е издадена дозволата за емитување, односно најмалку 40 отсто говорна програма, не е преземено речиси ништо, а од тогаш „ролетните во редакцијата се постојано спуштени“.