Голманот на Ливерпул, Лорис Кариус, во саботното финале од Лигата на шампионите ги доживеа најтешките моменти во својата кариера. Ливерпул во финалето во Киев загуби со 3:1 од Реал Мадрид, а виновник за два примени гола беше токму германскиот голман.
Англиската полиција отвори истрага откако Кариус после споменатото финале и катастрофалните грешки доби смртни закани.
Кариус прво погреши во 51 минута кога невнимателно ја испушти топката, а потоа на неа наиде Бензема и погоди за минимално водство на Кралевите.
Потоа, во 83 минута Кариус сакаше да ја фати топката после силен удар на Бејл, но не успеа да ја задржи во рацете и таа заврши во неговата мрежа, па Реал на тој начин со конечни 3:1 си ја обезбеди третата последователна титула шампион во Лигата на шампионите.
Навивачите на Ливерпул беа прилично бесни на својот голман, а на социјалните мрежи му испратија низа на смртни закани.
„Ќе ја убијам твојата девојка“, „Се надевам дека целото твое семејство ќе умре“, „Твоите синови заслужија да умрат од рак“, гласат само некои од бројните негативни и заканувачки коментари на сметка на Кариус и неговото семејство.
Поради ова, полицијата сериозно започна да се занимава со смртните закани упатени кон германскиот голман.
„Полицијата знае за бројните коментари и смртни закани на социјалните мрежи. Ги потсетуваме корисниците на социјалните мрежи дека секој напад, вклучувајќи и злонамерна комуникација и закана, ќе биде истражен“, соопшти полицијата.