Високи дипломати ќе присуствуваат на потпишувањето на договорот
Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, медијаторот Нимиц, европскиот двоец Могерини-Хан се очекува да го овековечат договорот меѓу Македонија и Грција, кој според најавите, треба да биде потпишан викендов во Мала Преспа.
Според грчкиот весник Ефимерида, високите дипломати биле поканети да присуствуваат на потпишувањето на документот, кој како што се наведува, ќе биде потпишан од министрите Димитров и Коѕијас, во присуство на премиерите Заев и Ципрас веќе во сабота. Сепак, грчките медиуми не исклучуваат можност свечениот чин да биде пролонгиран за во недела или понеделник, во случај да се одолговлечи расправата во грчкиот парламент посветена на договорот со Македонија.
Таа е закажана за утре, каде е можно да се гласа и за недоверба на владата на Ципрас, процедура која може да трае најмногу три дена. Во однос на договорот синоќа на грчката ЕРТ зборуваше и грчкиот премиер Ципрас, кој оцени дека Атина не може никому да забрани да се самоопределува како Македонец. Затоа, како што вели, во спогодбата постоело решение за државјанството, а не за идентитетот.
Во однос на позицијата на коалицискиот партнер, Панос Каменос, Ципрас изјави дека лидерот на Независни Грци ќе го задржел ставот да не гласа за договорот, но оти нема намера да ја напушти и да ја урне владата. Според тоа, владата на Ципрас би требало лесно да го преживее евентуалното гласање недоверба.