Собранието денеска ќе гласа за ратификација на договорот со Грција

За денеска во 11 часот е закажана собраниска пленарна седница на која ќе се гласа ратификација на договорот со Грција.

 

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на расправата во Собранието и во Комисијата за европски прашања, бидејќи ја бојкотираат расправата за договорот.

Собраниската Комисија за европски прашања вчера со десет гласа „за“ го усвои Предлог-законот за ратификација на договорот за решавање на спорот за името.

Предлогот-законот за ратификација во Собранието и во собраниската Комисија за европски прашања го образложи министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој кажа дека има рокови кои мораат да се запазат до Самитот на ЕУ.

Министерот Димитров, член по член, го објаснуваше постигнатиот договор со Грција во Комисијата за европски прашања.

„Ако не ми беше мирна совеста, немаше да го потпишам договорот и немаше денеска да бидам овде пред вас“, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров во образложението. Димитров рече дека предлог законот бил ставен по скратена постапка, за ако помине ратификацијата на договорот во Собранието, да може Грција да го извести Советот на ЕУ дека нема забелешки. Идната недела, во вторник, се одржува состанок на Советот на ЕУ.

Министерот Димитров рече дека спогодбата не е идеална и совршена, туку компромис на двете страни.

„Кога опозициите во Грција и во Македонија изјавуваат дека спогодбата е срамна и капитулантска, тоа кажува дека се работи за компромис“, рече Димитров.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ пред да ја напуштат работата на Собранието реагираа дека ваквото носење на законите е кршење на деловникот, законите и уставот.

„Ова е капитулантски договор. Со менување на уставот се менува индентитетот. Владата не доведе во ситуација од која нема враќање. Ова е современ геноцид на правната држава“, рече координаторот на пратеничката група ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев.

Премиерот Зоран Заев најави дека ќе го зголеми парламентарното мнозинство за да побара импичмент на претседателот Ѓорге Иванов доколку тој не го потпише договорот за името со Грција.

„Ако граѓаните на референдум се изјаснат позитивно, ќе направам сè да ја спречам евентуалната блокада на Иванов на договорот за името. Граѓаните се тие што ќе одлучат дали сакаат промена на името, но ако на референдумот договорот се прифати, никој нема право да го попречува нивното мислење“, рече Заев.

Македонската и грчката влада предводени од премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици) го потпишаа договорот со кој, ако биде ратификуван во Парламентите на двете земји, ќе се реши 27-годишниот спор за името.

Со овој договор името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со македонски јазик и македонска националност. Договорот го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас и посредникот на ОН Метју Нимиц.

Треба да знаете
Последни објави