Кирацовски:Договорот е патриотски чин,граѓаните на референдум го имаат конечниот збор

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, придружуван од организациониот секретар Миле Зечевиќ во текот на вчерашниот ден ги посети општините Крива Паланка, Кратово и Ранковце.

На средби со граѓаните Кирацовски разговарал за повеќе актуелни теми, а се осврнал и на Договорот со Грција, за кој рекол дека става крај на две и пол деценискиот спор што земјата ја влечел надолу.

„Имаме Договор кој со право се нарекува историски, затоа што го обезбедува и зајакнува македонскиот идентет еднаш засекогаш и ја отвора вратата за членство во ЕУ и НАТО. Ова е шанса, сите ние заедно, да испишеме нова, светла страница од историја за нашата држава“, рекол генералниот секретар на СДСМ.

Додал дека со ова трасира патот на загарантирана стабилност и безбедност, јакнење на институциите и владеење на правото, заживување на економијата, инвестиции, поголеми плати, нови работни места и повеќе пари за граѓаните.

Кирацовски ги повикал граѓаните да излезат на престојниот референдум и да кажат „да“ за македонската иднина.

„Да ја искористиме таа можност и да кажеме ‘да’ за Договорот кој успеа да го зачува и гарантира македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Да кажеме ‘да’ за македонската иднина и просперитетна европска Македонија“, повикал Кирацовски, додавајќи дека сите политички субјекти треба одговорно да се однесуваат и да овозможат граѓаните слободно да ја изразат својата волја.

Треба да знаете
Последни објави