Со љубов под отворено небо во Градски Парк

Со љубов под отворено небо во Градски Парк

Македонскиот долгометражен документарен филм „Со љубов“ (Avec l’amour) на режисерот Илија Цветковски и продуцентот Атанас Георгиев завчера беше прикажан под отворено небо на Школка во Градскиот парк во Скопје.

Овој филм е втор во низата што се прикажуваат на отворено, а целата идеја е иницирана и реализирана од Град Скопје, Младинскиот културен центар и Македонската филхармонија. Покрај проекциите на филмовите, се организираат и концерти на кои досега настапија Феми Кути и „Квин трибјут бенд“ придружувани од оркестарот на Македонската филхармонија.

На проекцијата на документарецот за професорот по биологија од Неготино, Дионис Пашлаков, имаше голем интерес, што покажува дека идејата за кино на отворено дефинитивно недостигала во изминатиов период.

Филмот „Со љубов“ ја раскажува опсесијата на професорот кон олдтајмерите, која прераснува во колекција од над 100 сочувани или полураспаднати примероци, кои треба да се сместат во идниот музеј за кој Дионис сонува дека еден ден, можеби, и ќе го изгради. Правејќи торти за неготинските прослави, неговата жена Гоца ја поддржува страста на Дионис плаќајќи му речиси за секој негов старо-нов автомобил.

Низ хумористичните брачни расправии, филмот ни ја прикажува вистинската љубов и долгогодишната поддршка меѓу Гоца и Дионис.

За среќниот филмски крај да биде уште поспектакуларен, по завршувањето на проекцијата, пред публиката се паркираше бела „буба“ управувана од Дионис во придружба со сопругата. Беа пречекани со громогласен аплауз и овации, па спонтано по гледањето на филмот се претвори во дружба со нив.

Покрај режисерот Илија Цветковски и продуцентот, воедно и монтажер, Атанас Георгиев, екипата ја сочинуваат и кинематограферите Драган Паковски и Самир Љума, музиката е на „Фолтин“, на звукот работеа Атанас Георгиев и Александар Ѓорѓевиќ.

 

Треба да знаете
Последни објави