Протестантите извикуваа – Никогаш Северна, секогаш Македонија!
Протестот против промена на името се одржува вечерва пред Собранието во Скопје.
Протестот е мирен, граѓаните пеат патриотски песни и носат транспаренти и македонски знамиња. Со пораки на транспарентите на кои пишува „Никогаш Северна, секогаш Македонија“, граѓаните го искажуваат својот револт против договорот што Македонија го потпиша со Грција,
Протестот е во организација на „Млади за Македонија“, а е поддржан од повеќе други граѓански организации.
На нивниот профил на Фејсбук објавија порака со која апелираат на воздржување од насилство и напади врз полицијата.
– По никоја цена не смее да се дозволи напади на полицијата, а ние се оградуваме од секаков вид насилство. Ве повикувме сите вие да се воздржите од насилство и да превенирате насилство. Ние се оградуваме од секој вид насилство, говор на омраза или недолично однесување, стои на ФБ статусот.
Според објавеното на Фејсбук , Млади за Македонија се изјаснуваат за студенти од сите политички спектруми обединети под една цел – одбрана на името на татковината Македонија.
Од МВР упатија апел до учесниците на протестот да се воздржат од насилни акти.
– Министерството за внатрешни работи го почитува правото на слободно и јавно изразување на мислата, но истовремено апелира граѓаните да се воздржат од преземање на насилни активности за да се сочува јавниот ред и мир, се наведува во соопштението од МВР.