Министерката за правда Рената Дескоска денеска изјави дека сѐ уште нема конечен став дали ќе има измени на законската регулатива за организирање и спроведување на референдумот, во контекст на договорот за решавање на спорот со името.
– Во моментов немаме донесен конечен став околу тоа дали ќе се оди со измена на Законот за референдум или не. Имаме предвид дека станува збор за закон кој е стар и не е усогласен со Изборниот законик, изјави денеска министерката за правда Рената Дескоска.
Според неа, кога би се правеле измени тие би биле чисто технички. Суштински измени, според Дескоска, не се планирани.
– На пример во текстот на Законот за референдум стои дека повикување на законот за Избирачки список, што не постои и е заменет со Изборен законик, понатаму стои повикување на закон за избор на пратеници кој исто така не постои, сега е заменет со Изборен законик. Исто така, делот што се однесува на заштитата на правото на гласање се разликува од заштитата на Избирачкото право. Законот за референдум оперира со постапка со заштита пред Врховниот суд додека пак Изборниот законик реферира на постапка пред Управните судови, рече министерката за правда.
Референдумското прашање ќе го дефинира Собранието, вели Дескоска, зависно кога би се одредил датум за референдумот.
– Од распишување на референдумот до гласање може да поминат најмногу 90, а најмалку 60 дена. Тие се законските рокови, рече Дескоска.
Од Министерството за правда, вели таа, досега не се побарани активности во однос на референдумот.
– Тоа ќе бидат донесени одлуки дополнително во односите меѓу Владата и Собранието, тврди Дескоска.
Министерката за правда Дескоска денеска имаше обраќање на 98. Рос-Рот семинарот во Собранието на Република Македонија на сесијата посветена на Зајакнување на владеењето на правото, рефрома во администрацијата и правосудството, борба против корупцијата.
Таа зборуваше за претстојните реформи во нејзиниот сектор, имајќи ги предвид забелешките на ЕУ.
– Реформите во областа на судството се веќе почнати. Донесена е Стратегија за реформи во правосудството. Веќе се направени дел од измените на законите, но исто така ни претстои нов турнус на измени кои треба да опфатат дел закони за судство – Законот за судови кој се носи со двотретинско мнозинство, Законот за јавно обвинителство, Законот за судски совет… Законските текстови кои беа донесени за законот за судови и за судски совет се веќе пратени во Венецијанската комисија, чекаме од нив мислење за она што досега е изменето и дали доследно се омплементирани препораките кои претходно беа дадени. Во процесот на реформи првична основа ќе ни бидат препораките на Венецијанската комисија, мислењата и ставовите на ЕК и секако она што знали Извештајот на Прибе, рече Дескоска.
Се планираат и механизми за имплементација на законите.
– Дел ќе опфати тренинг на судиите во рамките на вршењето на нивните активности, продлабочување на знаењето со цел за приближќување до европските стандарди за вршење на судиската функција, реќе министерката за правда.
Предвидени се и измени на законот за јавно обвинителство коишто исто така е двотретински закон и бара поширок консензус за доинесување и кој е дел од пакетот.
Друг дел кој што вчера беше нотиран е делот за борбата со корупцијата.
– Во Министерството за правда е формирана работна група која работи на измени на законска регулатива за спречување на корупција што ќе значи нов начин на формирање на антикорупциската комисија и секако измени во нејзините надлежности. Сакаме да создадеме ефикансен инструмент во борбата со корупцијата, рече Дескоска.