Коѕијас: Имам добиено 800 писма со закани, куршуми и кутии со крв

 Ми имаат испратено куршуми и кутии полни со крв и почва полеана со крв и закани кон мене и моето семејство, откри министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас.

 

Шефот на грчката дипломатија говореше за зголемениот говор на омраза во Грција, за кој вели дека треба да прекине.

– Имам добиено 800 писма со закани за мојот живот и на моето семејство. Имам  добиено кутии полни со крв и ми велат ќе има крв од моето семејство. И кутии со почва полеана со крв. Имам добиено различни големини на куршуми. Каде е обвинителот? Овде немаме само клевета, овде имаме кривични дела што стигнуваат до злосторство. Исто како и со обидите, владата или министрите од владата, да не ја извршат нивната должност според нивен избор како што одредува Уставот, туку врз основа на уцени и закани. Ова се тешки злосторства, според грчките закони, за кои не гледам некој да реагира, рече Коѕијас и додаде дека ги нашол и имињата и адресите и телефонските броеви на луѓето што телефонски му се заканувале, но, обвинителот не реагирал со апсење.

Осумстоте писма за кои говореше Коѕијас и се непознати на јавноста, со оглед на тоа дека од почетокот на интензивните преговори со Македонија досега, грчките медиуми објавија за само две заканувачки писма со куршуми до шефот на грчката дипломатија, со пораки „да не го отстапи името Македонија“.

Треба да знаете
Последни објави