Фудбалската репрезентација на Хрватска после драматичен натпревар и изведување на пенали ја елиминираше Данска во осмина финалето, па на тој начин се пласираше во четвртфиналето од Светското првенство во Русија.
По крајот на натпреварот, свое видување даде и капитенот на Хрватска, Лука Модриќ.
„Беше многу тешко да се игра, тешко се движевме и тешко трчавме, но издржавме до крај. Можевме да го решиме мечот уште пред пеналите, но ете, се чини дека не можеме без драма. Благодарение на Бога, овој пат ни се врати. Кога ќе ги погледнеме сите аспекти, заслужено сме во четвртфиналето“, изјави Модриќ.
Модриќ имаше пенал во 115 минута, со кој можеше Хрватска уште во продолженијата да ја однесе во четвртфинале, меѓутоа тој не успеа да го совлада Шмајхел.
„Ми беше тешко, но останав прибран. Бев сигурен дека ќе постигнам погодок, цело утро гледав како нивниот голман брани пенали и повторно шутирав лошо. Тоа повеќе нема да го направам. За среќа, на пеналите добро шутиравме, а Субашиќ одлично одбрани три пенали. Пресреќни сме, ова е огромен успех и се надевам дека нема овде да застанеме“, порача капитенот на Хрватска.
Лука Модриќ, потоа, зборуваше и за самото значење на оваа победа над Данците.
„Ова е натпревар на генерацијата, голем испит кој долго време го немавме положено. Знаевме дека ова е да се биде или не за нас. На крај, се помина на најдобар можен начин“, истакна Модриќ.
Хрватска во четвртфиналето ќе игра против домаќинот Русија, која исто така после изведување на пенали во осмина финалето ја елиминираше селекцијата на Шпанија.
„Не очекува тежок противник, домаќинот кој се покажа против Шпанија. Не чека уште еден тежок меч, како што беше и овој против Данска“, заврши Модриќ.