Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираше за доцнењето од половина час на седницата за пратенички прашања. Според кооординаторот Драган Данев, тоа е неодговорно однесување на пратениците од владејачкото мнозинство.
„Пола час доцни седницата, колеги пратеници, вие сте непрофесионални и ги потценувајте интересите на граѓаните. Владата и парламентарното мнозинство се неодговорни пред граѓаните“, рече Драган Данев, кој негодуваше и за тоа што седницата за пратенички прашања се одржува во исто време со Комисијата за европски прашања.
Премиерот Зоран Заев дојде порано и чекаше да почне седницата, реагираше собранискиот спикер Талат Џафери, кој додаде дека тоа е добра пракса зашто досега не се случило такво нешто во македонското Собрание.
„Јавноста знае дека јас сум точен во повеќе случаи, но денеска имав службени работи. Не седев во канцеларија. И јас сум човек и можам да доцнам половина час“, објасни Џафери.
Џафери образложи дека седницата не се одржа последниот четврток од месецот поради отсуство на премиерот, кој беше во Брисел. Пред почетокот на седницата Џафери јавно му го честита роденденот на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев.