Кога Доналд Трамп ќе пристигне во Велика Британија кон крајот на оваа недела, премиерката Тереза Меј ќе мора да соочи со неизбежниот факт – поради Брегзит, Велика Британија никогаш досега не била толку зависна од партнерството со најнепредвидливиот американски претседател во модерната историја.
Првата претседателска посета на Трамп во Велика Британија, која ќе се случи помеѓу НАТО самитот и состанокот во Путин, доаѓа во еден од најважните моменти за Западот, уште од падот на Советскиот сојуз во 1991 година.
На Вашингтон сега не му е потребен толку Лондон, но Лондон е позависен од Вашингтон отколку пред Брегзит
Ова ја доведува Тереза Меј во незавидна положба, во однос на тоа дека сака да ги зајакне трговските врски со САД, за да го надополни излегувањето на Британија од ЕУ, кое треба да се случи на 29 март 2019 година.
„Иронијата е во тоа што после Брегзит, Обединетото Кралство ќе стане помалку корисен американски партнер, додека во ист период, на Лондон многу повеќе ќе му треба помош од САД“, вели Џефри Стејси, поранешен функционер на Стејт Департмент, во администрацијата на Обама.
„Со ова Меј зависи од непредвидливиот американски претседател“, вели Стејси.
Повеќе од 50.000 луѓе во Британија одлучија да протестираат против посетата на Трамп, која, меѓу другото, вклучува и состанок со кралицата Елизабета.
Крај на британската стратегија за балансирање помеѓу Европа и Америка
За многу британски дипломати, Брегзит значи колапс на 70 години старата британска стратегија, на воспоставување на рамнотежа помеѓу европските интеграции и партнерството со Америка.
„Меј погреши со избрзаните дипломатски односи кон Трамп. Што всушност таа доби досега од тоа?“, се прашува еден висок европски дипломат во Лондон, кој сакаше да остане анонимен.
„Вие Британци ја напуштате Европа, но дали навистина сакате да се предадете во рацете на Трамп и Америка? И што е најважно, дали имате друг избор?“, предупредува овој дипломат.
Победата на Трамп, на претседателските избори во 2016 година, беше шок за многу британски дипломати во Вашингтон, а односите помеѓу Меј и Трамп на моменти беа навистина напнати.